ТАТКОТО НА ВАЊА БАРА УКИНУВАЊЕ НА ПРИТВОРОТ: Tуфегџиќ вели дека тој не може да повтори дело кое не го сторил
Таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар бара укинување на мерката притвор.
Во Апелацискиот суд во Скопје се одржа јавна седница по барањето на одбраната на Александар Ѓорчевски, таткото на убиеното 14-годишното девојче, да му се укине мерката притвор.
Како што информираат за МИА од Апелација, Кривичниот совет сѐ уште нема донесено одлука, а кога ќе има, судот ќе објави преку својата веб-страница. Таткото преку адвокатот Владимир Туфегџиќ, бара укинување на притворот.
Туфегџиќ во изјава за МИА, вели дека бара укинување на притворот поради фактот што до денес не е предочен ниту еден доказ од кој произлегува основаното сомневање за сторено кривично дело. Рече дека не е овозможен увид во предметот.
„Осомничениот не може да повтори дело кое не го сторил. На судечкиот совет му е укажано дека сето ова што му се случува на таткото е голема грешка и уште една голема трагедија кон него и неговото семејство. На Советот му е укажано дека кон осомничениот се врши тортура во притворската единица на КПУ Затвор Скопје, со тоа што е испитуван во притворската ќелија на начин под секое достоинство, во стоечка положба, свртен со лицето кон sидот за да му се изнуди признание и дека за ова на 18. 1. 2024 година, писмено е известен Јавен обвинител. Осомничениот се приклучи кон жалбата и изјави дека не му е јасно зошто е сето ова бидејќи не познава никого од осомничените“, изјави Туфегчиќ.
Обвинителството во оваа фаза го застапува вишата обвинителка Фатиме Фетаи. Обвинителството бара Ѓорчевски да остане во притвор, поради опасност од бегство, по сторување на кривичното дело помагање во киднапирање и поради влијание врз сведоците.
За киднапирањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во притвор се уште четворица осомничени, а првоосомничениот Љупчо Палевски се наоѓа во екстрадициски притвор во Турција, откако е уапсен по потерница во Баликесир на 5 декември.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес, на 3 декември лани.
