ТАТКОТО НА УБИЕНАТА ВАЊА ОСТАНУВА ВО ПРИТВОР: Врховниот суд му ја одби жалбата
Жалбата против мерката „притвор“ на осомничениот Александар
Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска е одбиена како неоснована, соопшти
денеска Врховниот суд на Република Северна Македонија,
- Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, по одржаната јавна седница на ден 13.03.2024 година, донесе Решение ВКЖ1-11/24, со кое жалбата на обвинетиот А.Ѓ, изјавена преку бранителот Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја одби како неоснована и го потврди решението на Апелациониот суд Скопје КСЖ-223/24 од 01.03.2024 година, стои во соопштението од Врховниот суд.
Жалбата во Врховниот суд следуваше по одлуката на Апелациониот суд со која беше одбиена жалбата на Ѓорчевски и му беше продолжена мерката притвор поради основано сомнение за сторено кривично дело „грабнување“ до 3 април 2024 година.
Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.
Нејзиниот татко, Александар Ѓорчевски, се сомничи дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации со другите осомничени за движењето на неговата ќерка.
ФОТО: МИА