Таткото на уапсените беше убиен на плажа во Струга со куршум во глава: Сите случувања во семејството на Дилавер Бојку
Дилавер Бојку Леку чии синови беа уапсени во полициската акција Бегалец кај струшкото село Велешта синоќа, на јавноста и беше познат како стопанственик и поранешен осуденик за организирање на проституција. Беше убиен во август 2017 година на терасата од ресторанот „Аква блу“ каде седел во моментите пред убиството.
Во негова непосредна близина се приближило машко лице кое, во правец на главата му вперил пиштол и испукал еден проектил нанесувајќи му огнострелни повреди од двете страни на главата. Потоа, сторителот со трчање го напуштил ресторанот бегајќи кон улица „Партизанска“.
Деценија претходно Бојку го привлече вниманието на полицијата како сопственик на ноќниот клуб „Еспресо“ во Велешта, неговото родно место. Сопственик бил и на ноќен клуб „Кис ми“ и хотел „Берн“ во близина на Струга за кои бил обвинет дека ги користи за проституција. Тој беше обвинет за заробување на млади жени од Украина, Романија и Молдавија, за бело робје. Жените со физичка присила морале да се проституираат.
Тој бил обвинет за пет кривични дела поврзани со организирана проституција.
Бојку на 20 јуни 2003 година избега скокајќи во црна кола, во близина на затворот во Струга, додека во придружба на обезбедување, но без лисици на рацете, чекаше да го спроведат до суд со полициско комбе.
Поради бегството, директорот на затворот во Струга, Драган Петрески бил отповикан.
Обвинетиот Бојку беше фатен по двонеделно бегство, а во подготовка да избега во Бразил. Беше фатен во Улцин во координирана акција со црногорските власти и македонското Министерство за внатрешни работи и со хеликоптер беше екстрадиран во Македонија. Тој кон крајот на 2003 година беше осуден е на затворска казнa од 3 години и 8 месеци за кривично дело посрeдување во проституција.
Потоа стана актуелен со неговата плажа во Струга и конфликтот со струшкиот градоначалник Зијадин Села.
– Многу вложив. Ова е семеен бизнис, ми помогнаа повеќемина од семејството. Околу 400.000 евра вложив само од продажба на нивите на татко ми во Велешта. Мислам дека досега сум докажал оти се разбирам и добар сум во водењето бизнис, а Села само знае да урива. Ако градоначалникот ги урне објектите, јас лично ќе ја вратам плажата во првобитна состојба. Тоа значи дека ќе донесам кал, ѓубре и градежен шут оти така ја затекнав кога ја добив концесијата. За да ја уредам плажата донесов 100 шлепери песок од Маврово, а изнесов 50 шлепери шут и ѓубре. Тоа ќе му го вратам – рекол Бојку за „Дневник“ во 2014 година.
Дури во февруари лани беше соопштено дека поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „убиство“ и „убиство во обид“, Оделението за внатрешни работи Струга, поднесе кривична пријава против К.Л. (33) од струшкото село Ливада како и против Е.О.(39), од истото село, за сторено казнено дело „помагање“.
Според пријавата на 14.08.2017, првопријавениот К.Л. на летна тераса од угостителски објект во Струга со револвер го лишил од живот 58 – годишниот Дилавер Бојку – Леку од струшкото село Велешта, а потоа пукал и кон А.Б.(41) од Струга и Б.С.(28) од селото Велешта. Второпријавениот Е.О. со патничко возило „мерцедес“ со швајцарски регистарски ознаки, по претходен договор со сторителот, го однел до угостителскиот објект, соопшти полицијата.
Од СВР Охрид не открија дали осомничените за убиството се достапни на органите на истрагата.
Во меѓувреме во 2018 година медиумите објавуваа дека сопственикот на еден ресторан во швјцарското место Рути, И. Истрефи (51) е убиен во својот локал. Тогаш се тврдеше дека токму Истрефи е убиецот на Бојку.Имено непознат сторител испукал неколку куршуми кон него.
Меѓутоа, многу нешта претходеа на овие убиства. Братот на Бојку, Башким, тогаш беше во затвор поради убиство на синот на Истрефи и ранување на неговиот друг син кој и денеска живее со инвалидитет
