Таткото на починатиот Андреј Стојанов: Се прават разни обиди нашата болка да биде уште поголема
На почетокот од денешното рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“, семејствата на загинатите повторно изразија длабоко разочарување од текот на постапката, оценувајќи дека адвокатите на обвинетите ја одолговлекуваат и манипулираат со процесот.
Таткото на починатиот Андреј Стојанов, еден од шеесетината млади кои го загубија животот во пожарот, изјави дека уште на самиот почеток забележале „скептицизам и веќе разработена шема“ меѓу одбраната.
„Се прават разни обиди нашата болка да биде уште поголема. Ме чуди како адвокатите на обвинетите со леснотија велат дека ова рочиште ќе трае 15–20 години, а за тоа ќе добиваат, како што реков, крвави пари“, изјави Стојанов.
Тој предупреди дека одолговлекувањето на случајот дополнително ја разорува довербата во институциите.
„Ова е еден од најважните испити за државата. Со секој ден што минува, нè туркаат кон заборавот. Дел од овие познати адвокати како да сакаат да нè уништат целосно — нека им служи на чест“, додаде тој.
Семејствата велат дека ќе продолжат да бараат брза, праведна и транспарентна постапка, за трагедијата да не остане еден од случаите чие решавање се развлекува со децении.
