Таткото на Никола Тодоров сведочеше за нападот
Денеска продолжи судењето против дедото на малата Тамара, Љупчо Стојановски, за обид за убиство на екс министерот за здравство Никола Тодоров. Одбраната побара мајката на Тамара, Жаклина Димовска, да сведочи пред судот на наредното рочиште.
Денеска пак сведочеше таткото на Тодоров, Стојан Тодоров кој раскажа што точно се случило кобното утро кога дедото на Тамара, пред да се упати кон министерството, го барал поранешниот министер дома.
„Син ми беше во странство и ми се јави да го вклучам бојлерот во неговата куќа. Бидејќи не живееме заедно се упатив кон куќата, и таму го забележав Љупчо. Ме праша дали тука живее министерот Никола Тодоров и потврдно одговорив, но му реков дека не е дома. Ми рече дека му треба некоја декументација од него, но јас му одговорив дека син ми не чува документации за никого дома и да оди во министерството. Откако замина, по кусо вереме син ми ме извести дека бил нападнат, а по тоа ги гледав ударните вести на сајтовите и телевизиите каде по втор пат го видов ликот на Љупчо“, рече постариот Тодоров.
Инаку на минатото рочиште Тодоров сведочеше како при примопредавањето на функцијата на први јуни 2017-та Љупчо Стојановски го чекал пред министерството и истрелал два куршуми од пиштолот за кој призна дека го поседувал нелегално. Одбраната пак ќе се обиде да докаже дека ниту целел кон него ниту сакал да го убие, туку да го заплаши. Судењето продолжува на втори мај кога освен Жаклина Димовска ќе бидат сослушани братучетката на екс министерот и вештаци.
