Ташев предлага разговорите во историската комисија да се замрзнат
Спас Ташев од Институтот за население и хумани студии при Бугарската академија на науките (БАН) за Њуз.бг вели дека функционирањето на Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Македонија во сегашниот формат е излишно и лично не гледа смисла во продолжување на нејзината активност.
Ташев рече дека комисијата не дава резултати. Тој вели дека не предлага распуштање на Комисијата, туку преиспитување на нејзината работа и таа да се фокусира на популаризација на неспорните факти, кои се прифатливи и за Бугарија и за Македонија.
Ташев предлага разговорите во Комисијата привремено да се замрзнат и двете страни да започнат архивско истражување со објавување на документи во нивните оригинали верзии за сите спорни лица, што би било основа за дебати.
„Доколку на евентуални предвремени парламентарни избори на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ, која се заканува со ревизија на Договорот од Преспа и Договорот за пријателство со Бугарија, тогаш Скопје ќе западне во меѓународна изолација, што не е во интерес на никого“, смета Ташев.
Историчарите од двете земји извесен период немаат напредок во разговорите.
Според неофицијални информации објавени од некои медиуми во бугарското Министерство за надворешни работи се подготвува нова протестна нота или реакција поради кампањата на СДСМ за наводното бугарско државјанство на Данела Арсовска, која стана градоначалничка на Скопје.
