Тасева: Голем правен пропуст во Владата, двете функции се неспоиви
Станува збор за голем пропуст кој не требаше да се случи. Законот за спречување на корупцијата е јасен и се чекаше само денот која Комисијата ќе реагира, изјави за Фактор Слаѓана Тасева, поранешна претседателка на Антикорупциската комисија. Пред да каже дека ќе се повлече, таа сугерираше Зоран Заев веднаш да избере која функција ќе ја врши оти законски во Македонија тие се неспоиви. На прашањето како во Владата се случило никој да не реагира уште пред да биде даден предлогот вели дека тоа е неразбирливо.
„Законот е јасен, тие две функции законски се неспоиви. Сега треба да каже која функција ќе ја врши. Нема пречка да си остане премиер, но за предлогот да биде министер за финансии треба воопшто да нема изјаснување во парламентот. Како се дозволило воопшто да има предлог е добро прашање и сметам дека е голем пропуст, вели Тасева.
Премиерот Зоран Заев денеска се обрати во Собранието и рече дека ќе ја послуша Државната комисија за спречување на корупција и опозицијата и ќе се отвори дебата за да се расчисти дилемата дали како шеф на Владата може наедно да биде и министер за финансии.
„Уставот дозволува премиерот да биде министер, како и Законот за Влада. Но тоа што го истакнува опозицијата и Антикорупциска треба да предизвика дебата. Му дадов налог на Собранието да овозможи предлог за мое повлекување привремено. Бидејќи дилемата е отворена, потребна е дебата. Треба да ја послушаме опозицијата. Формализацијата на оваа работа ја тргаме од дневен ред и согласно овластувањата ќе раководам со министерството до избор на нов министер за финансии“, рече Заев од говорницата.
А.Т.
