Таравари со критика до Филипче: Ќе се откаже за шест месеци
Претходниот министер за здравство Арбен Таравари го искритикува актуелниот Венко Филипче дека проектот со централизирани лаборатории нема да функционира со прогноза дека ќе го повлече за шест месеци.
Само еден ден откако министерот за здравство Венко Филипче го промовираше проектот за централизирање на медицинските лаборатории, Таравари се јави со реакција.
„Да кажеш дека во Македонија ќе се централизира контролата на лабораториите во 8 центри, е бесмислено. Мислам дека е скандал, ова да го каже еден министер за здравство. Како и да е, се надевам дека ќе го сменат ставот и ќе се повлечат од ова. Не знам земја во светот, нека ми каже една земја во светот каде има централизирани лаборатории“, порача Таравари.
Како што вели тој, ваквиот проект ќе ги потикне пациентите за анализи да се упатуваат кон приватните лаборатории. Смета дека Македонија не е подготвена и нема лаборатории, кои би можеле да се соочат со големиот наплив на анализи.
„На пример во Полошкиот регион има само во Тетово. Сите граѓани од општините од Полошкиот регион, крвта што се собира во државните болници, треба да се испрати во Тетово и таму ќе се соберат многу резултати, од сите центри, од сите матични лекари. Навистина ќе настане хаос“, вели Таравари.
Таравари додава дека централизираните лаборатории можат да функционираат добро само за ретките анализи. За новиот систем на функционирање на лабораториите, вчера информираше министерот за здравство, Венко Филипче. Според него, со оваа метода државата би имала заштеда од неколку милиони евра од реагенсите кои се фрлаат како неискористени.
