Таравари: Повелете на кафе во новата куќа во Тафталиџе
Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, чија партија договори нова владина коалиција со СДСМ и ДУИ, на обвинувањата дека има нова куќа во скопско Тафталиџе како сосед на министерот за финансии Фатмир Бесими, вели дека за истата подигнал креидт и дека се уште ја реновира.
„Куќата е купена во 2021 година, постапката и документацијата за купопродажба е во целост чиста. Имаме и доста за реновирање, а кредитот, здравје, ќе го плаќаме подолго време. Ве канам на кафе во својот дом и да видите за што станува збор. Се надевам дека тие што обвинуваат еден ден и самите ќе дозволат да ѕирнете во нивното секојдневие. Па, и да направите споредба…“, рече Таравари во изјава за Фокус.
Преку овие изјави, вели градоначалникот на Гостивар, ВМРО-ДПМНЕ го враќа „духот на груевизмот“.
„Препознатлива е таа реторика „сите се лоши и нечесни“, освен тие самите, коишто уживаат во луксуз на различни нивоа“, изјави лидерот на АА.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски вчера во Собранието праша дали Таравари луксузната куќа во Тафталиџе ја добил на подарок заради влегувањето на АА во власта.
„Дали можеби природата на уцената е една убава куќа во еден елитен дел во Скопје, во населбата Тафталиџе која Арбен Таравари изминатиот период ја доби на поклон? Зошто велам на поклон? Затоа што во неговиот имотен лист пријавил дека куќа од 256 квадрати купил за 150 илјади евра. Како во центарот на Скопје се купува куќа по 500 евра квадрат? Но, и дали воопшто тие 150 илјади евра воопшто се платени, зашто, според нашите сознанија, нема трансакции и на тие 150 илјади евра. Дали една од цените за влез во Владата е убавата куќа во Тафталиџе која му е поклонета на господинот Таравари, исто така, од еден функционер во оваа Влада од ДУИ?“ – праша Николоски.
