Таравари ќе го менува „Мој термин“, но нема да го укине
Новиот министер за здравство Арбен Таравари засега нема намера да го укине проектот „Мој термин“ туку ќе направи обиди да го промени според потребите на пациентите и секако според можностите на лекарите. За таа цел ќе го користи и сопственото искуство како лекар во ординација, а ќе одржи средба и со претставници од Управата за електронско здравство.
- Јас сум за промени во Мој термин, а веќе утре ќе имам состанок со претставниците на Мој термин, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
Таравари најави дека лекарите ќе добиваат цела плата, нема да има казни туку само месечни парични награди. Планира да ги укине економските директори и со тие пари да ги наградува најдобрите доктори во болницата или клиниката.
- Тие места треба да се укинат и средствата да се пренаменат за неколку успешни лекари во болниците, додаде Таравари.
На 25 годишнината од постоењето на Лекарската комора новиот министер рече дека новата национална стратегија ќе биде устав на лекарите. Таравари довербата на пациентите ќе ја враќа преку успешни приказни за докторите.
