Таравари ја стартува кампањата „Вистината за ДУИ”
Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари денеска ја зaпочна кампањата „Вистината за ДУИ”, како што претходно најави дека ќе држи прес-конференции на кои ќе бидат обелоденети сите злоупотреби извршени од страна на поранешното раководство на Општина Гостивар, а кои ги констатирала внатрешната ревизија.
Тој вели дека има многу скандали, почнувајќи од полицијата, образованието, од областа на урбанизмот, работата на општинската администрација и слично.
„Неколку внатрешни ревизии веќе се завршени, некои се во тек, а со ревизии ќе се продолжи сè додека не се открие и последната злоупотреба. Денес, пред вас ќе го обелоденам случајот со кафетеријата кај ЈПССО “Риниа” – Гостивар. Овој локал му е изнајмен на лицето Гази Фејзи за надоместок од само 5.000 денари месечно и тоа за период од 20 години. А најскандалозен е фактот што оваа кафетерија го блокира влезот на спортската сала каде што се одржуваат натпревари во првата кошаркарска лига и се собираат повеќе од 2.000 гледачи на кои им се загрозува безбедноста“ - вели Таравари.
Обајснува дека истата кафеана користи електрична енергија и вода од спортската сала, односно сметките ги плаќаат граѓаните.
Што се однесува до мерките кои ќе бидат преземени, истакна дека во надлежност на општината е да се утврдат злоупотребите преку ревизија и да се сигнализираат надлежните истражни органи. Потоа, им преостанува ним да преземат соодветни дејствија за подигање одговорност.
