Таравари: Има повеќе гласачи на ДУИ отколку луѓе што живеат во одредени места
Ќе достават десетици приговори до Државната изборна комисија за гласањето во Долнени, Пласница, Битола и во Кичево, вели шефот на изборниот штаб од Алијансата за Албанците, Арбен Таравари во изјава за новинската агенција ИНА.
„Имаме чисти случаи на изборен фалсификат кој се случуваше од 19 часот до 21 часот. Токму во тој момент се прави несфатливата разлика во резултатите. Местењето придонесе во Долнени ДУИ да добие 2.200 гласа а ние само 200, во Пласница, резулатот е 2.000 за нив 100 за нас, што е надвор од умот. Има навистина многу вакви случаи. Ова се случува во Кичево. Разликата е толкава што се коси со здравиот разум. Или на одредени избирачки места во Битола, каде има многу малку или воопшто нема гласачи Албанци, а ДУИ има стотици гласови. ‘Силувањето’ на гласовите е практика која ДУИ ја повторува во секој изборен циклус. Тоа е знак за тоа колку сме далеку од демократија“, вели Таравари.
Смета дека ако денеска се направи попис, ќе излезе дека има повеќе гласачи на ДУИ отколку луѓе што живеат во одредени места.
До Државната изборна комисија (ДИК) попладнево, покрај веќе поднесените пет, има уште 77 приговори за изборите. Од нив, 74 се од Алијанса за Албанците, еден е од Глас за Македонија, а два се од ВМРО-ДПМНЕ.
