ТАРАВАРИ И МЕМЕДИ ЗА ТРИМЕСЕЧНОТО БЕБЕ: „Родителите и медицинската сестра си подале рака на помирување“
Министерот за здравство Арбен Таравари се уште го чека
извештајот од Комисијата формирана на универзитетската Клиника за детски
болести во врска со случајот
со наводно повреденото тримесечно бебе со модринки по телото на оваа клиника,
за што вчера само бил брифиран од новоназначениот директор на таа Клиника Реџеп
Мемеди.
-Се надевам дека мерките што ќе ги преземе Комисијата заедно со директорот ќе се ефектуираат, а ако се повтори, јас мислам дека тогаш веќе веднаш треба да се исклучи медицинскиот кадар. Не верувам дека постои здравствен работник којшто би бил подготвен да повреди дете од три месеци. Да бидеме внимтелни. Очекувам писмено да ги прочитам сите констатации од Комисијата од Клиниката за педијатрија па повторно ќе ве известам, рече Таравари во Собранието во изјава за медиумите каде учествуваше на седница на собраниската Комисија за здравство.
Прашан за кого се води дисциплинска постапка во врска со случајот, тој рече дека таа е покрената за две лица, од кои една е медицинска сестра.
Директорот на Детската клиника истакна дека немало апсолутно никаква намера на медицинската сестра за нанесување повреда, туку тие модринки на раката настанале при процедурата земање венска крв за анализи на 11 јули.
Тој објасни дека земањето крв било реализирано од страна на две медицински сестри, а како последица на механичкиот притисок настанале хематомите на десната надлактица и подлактица, но како што рече вчера се сретнале родителите на бебето и медицинската сестра.
Родителите се покажале доблесни и медицинската сестра изразила спремност дека настанот е повеќе последица на погрешна комуникација и си подале рака на помирување, а тука завршила и работата на комисијата која го истражувала случајот.
