Таравари го прекина „филмот“ со сините картони и ќе бара одговорност
Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека не знае како дошло до тоа да се вратат сините картони и најави ќе побара одговорност од тој што ги пуштил во оптек, бидејќи, како што кажа, нема потреба од нив.
„Сини картони нема да требаат. Од денес нема да се бараат сини картони, ниту во примарното здравство, ниту во аптеки. Според бројчето на електронската картичка, дури таа и да е истечена, може во системот да се провери дали граѓаните имаат здравствено осигурување. Јас не знам како дошло до ова да се делат сини картони. Некој изгледа сакаше филм да направи, знаете многу се занимаваат со здравството. Ќе побараме одговорност кој пуштил во оптек сини картони, кога од нив нема потреба“, изјави Таравари на денешната прес-конференција.
Уште од самиот почеток на воведувањето на електрoнските картички проектот имаше низа пропусти. Прво финансирањето на картичките беше најавено дека ќе биде на товар на државата, но потоа екс министерот Тодоров објави дека граѓаните ќе си ги платат од свој џеб. Откако им истече рокот од 5 години на картичките, граѓаните требаше повторно да платат 250 денари за обнова - што повторно предизвика револт бидејќи голем дел од нив не ни беа информирани дека картичките имаат рок на траење, а и покрај електронските картички, на крај пациентите повторно одеа со здравствените книшки на лекар, бидејќи картичките не ги содржеа сите податоци за пациентите, што се потребни при лекување.
Дури и по 7 години од почнувањето на проектот, компјутеризацијата на здравството не профункционира според очекувањата.
Министерот Таравари сега најавува дека во иднина размислуваат личната и здравствената карта да ги интегрираат во една како трајно решение на проблемот.
