Економија, финансии, бизнис

Контакт

Таравари: Алијансата не ја спушти главата

Таравари: Алијансата не ја спушти главата

Алијансата за Албанците го најде најдостоинствениот начин да ја продолжи соработката со премиерот Зоран Заев со тоа што Села најави дека ќе остане во Владата се додека не се изгласа законот за употреба на албанскиот јазик, Арбен Таравари во гостувањето за Ноќно студио на Телма посочи дека Алијансата влегла со кренати глави во владата и тоа ќе остане така без да прифатат измислено вицепремиерско место.

Алијансата ќе остане конструктивна и по излегувањето од Владата ќе гласа за сите закони кои се важни за интеграциите на државата во Европската унија и НАТО, за општеството и за граѓаните, рече генералниот секретар на партијата и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари.

По денешната најава на лидерот на неговата партија, Зијадин Села дека остануваат во владината коалиција до донесување на законот за употреба на јазиците, Таравари кажа дека во Владата влегле со кренати глави и оти сакаат да излезат повторно горди.

– Животот продолжува, таква е политиката. Одиме во опозиција и со најголема гордост ќе продолжиме да бидеме позитивни опозиционери за општеството, наведе Таравари и додаде дека нивните двајца пратеници ќе гласаат за законите што се за доброто на граѓаните и државата и оти ќе ги критикуваат сите слабости и недостатоци на Владата.

Не прецизираше дали би коалицирале со БЕСА, а не исклучува можност за соработка со ВМРО­-ДПМНЕ.

– Ни сме отворени за комуникации и со СДСМ, и со ДУИ и со БЕСА и со ВМРО, со сите партии, рече Таравари.

За него понуденото вицепремиерско место за реформи е понижувачки предлог кој најверојатно дошол од ДУИ, па затоа немаат друг избор освен да делуваат опозициски.

Слично

Поврзани вести