Талат Џафери оствари средба со европратениците Вајгл и Кукан
Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска се сретна со европратениците Иво Вајгл и Едуард Кукан.
Џафери изрази задоволство од средбата и ги информираше европратениците за тековните активности на македонскиот Парламент и за последните случувања во земјата на политички план.
Тој зборувал и за зголемената активност на Собранието на меѓународен план, со фокус на парламентарната дипломатија и заложбата Собранието да биде видливо на сите поважни меѓународни настани во Европа и пошироко.
Како што соопшти собраниската прес-служба, европратениците изразиле задоволство од постигнатите резултати и стабилизацијата на работата на законодавниот дом.
Тие искажале подготвеност да ги поддржат сите активности кои би ја подобриле соработката на парламентарното мнозинство и опозицијата, со цел да се заокружат реформските процеси и земјата да се движи во позитивна насока на патот кон пристапување во Европската унија.
На средбата, како што е наведено во соопштението, уште еднаш се потврдиле заложбите на Европскиот парламент да се зајакне соработката со Собранието на Република Македонија во насока на поддршка на евроинтегративните процеси на земјата и реализацијата на реформските процеси, неопходни за добивање на позитивен извештај за напредокот на Република Македонија и за отпочнување на преговори за полноправно членство во европското семејство.
Европратениците Вајгл и Кукан учествуваат на Конференцијата на парламентарните Комисии за европски прашања и интеграции на државите опфатени во процесот за стабилизација и асоцијација од Југоисточна Европа – КОСАП, што се одржува во Собранието на Република Македонија.
