Талат Џафери објасни на кој начин може да се одложи пописот
Спикерот Талат Џафери вели дека пописот на населението што според законот треба да започне утре може да се одложи само со закон, кој треба прво да биде поднесен, па пратен на комисиска расправа, па потоа да се изгласа на седница.
Џафери рече дека тој не може да даде одговор кога сѐ ќе заврши и дека во Собранието процедурите мора да се испочитуваат без оглед какви политички договори постигнале партиските лидери.
„Последиците од роковите не се одговорност на Собранието. Секоја одлука, неспорна каква и да е, треба да ги следи процедурите во парламентеот, зашто тие не можат да зависат од начинот на таквите преговори. Попрецизно, овде не можеме да работиме и да одлучуваме само според партиски договори", рече Џафери.
Вели дека според предлогот со европско знаме, законот оди на комисија за европски прашања, со оглед дека и основниот закон е така донесен.
Пописот наместо да почне на 1 април како што првично беше договорено, треба да се одржи од 5 до 30 септември. Вака се договорија лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Тие објаснија дека дотогаш населението ќе се имунизира. Денеска почна вакцинацијата со вакцината АстраЗенека.
