Талат Џафери не дозволи Мицкоски да се обрати во Собранието
Талат Џафери, претседателот на Собранието, не го прифати барањето на Драган Данев, координаторот на пратеничката група на опозицијата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да се обрати од говорницата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не е пратеник и според тоа не може директно да учествува на расправата за уставни измени во согласност со Спогодбата од Преспа.
- На седница можам да поканам претседател на Влада, претседател на републиката, министри и овластен предлагач на закон поддржан од најмалку 10 пратеници. По кој основ, по кој услов да го поканам Мицкоски. Не сум добил ни барање од никого. Не е до мене, едноставно - рече Талат Џафери.
Претходно ВМРО-ДПМНЕ порачла дека претседателот на законодавниот дом “може да покани на седницата на Собранието да присуствуваат и во работата да учествуваат претставници и на други органи и организации“.
- Мислам дека треба да му овозможите на Мицкоски да се обрати пред граѓаните и јавноста - му возврати Данев.
