ТАЛАТ ЏАФЕРИ ГЛАВНА ВЕСТ И ВО МЕДИУМИТЕ ОД РЕГИОНОТ: Стигнаа и првите честитки
Дел од насловите
во медиумите во регионот гласат: „Прв Албанец избран за премиер на Република
Северна Македонија“, „На функцијата премиер во РСМ прв пат избран Албанец“...
Техничкиот премиер, Талат Џафери ги доби и првите честитки од високи фунционери во Албанија, меѓу нив и од претседателот, Бајрам Бегај.
-Најискрени честитки до новата техничка влада на Северна Македонија и нејзиниот премиер, Талат Џафери. И покрај временските ограничувања и овластувањата, оваа влада има предизвик и привилегија да спроведе слободни и фер избори, да ја одржи стабилноста и евроатлантскиот курс на земјата и да ја докаже способноста да биде инклузивна и кооперативна со сите фактори, без политичка и етничка разлика, напиша Бегај на Фејсбук.
Кон честитките се придружи и поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, кој изрази целосна увереност дека „под раководство на Џафери, новата влада ќе преземе важни чекори за консолидирање на слободен и фер изборен процес“.
Изборот на Џафери му го честиташе и градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, кој преку објава на социјалните мрежи, оценува дека оваа одлука отвора нова ера не само во историјата на Албанците, туку и во историјата на Северна Македонија.
-Голема вест за Албанците! Честитки до мојот пријател Талат Џафери, честитки до претседателот Али Ахмети за ова историско достигнување за Албанците! Првиот албански премиер во Северна Македонија не разделува, туку обединува.Секоја чест, пишува Велиај.
фото: МИА