ТАЈАНИ: Aко не подадеме рака, Русија и Кина ќе сакаат да нè заменат
Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани, денеска од Скопје предупреди дека Европската Унија(ЕУ) би можела да биде заменета на Западен Балкан од други земји кои имаат интерес од тоа, како Русија и Кина.
Вели дека треба Европјаните да им подадат рака на Балканците.
„Треба да се решат проблемите што не се решени, за да може да се почитуваат европските прави за пристапување. Ако не го направиме тоа, ќе има некој друг што ќе сака да нè замени, мислам на Русија, Кина и други делови од светот, мислам на Турција. Ние политички сме убедени дека Балканот е интегративен дел на ЕУ“, изјави Тајани.
Во обраќањето пред медиумите, тој рече дека земјите на Западен Балкан се европски и не може да ги гледаат Кина и други држави како нивни соговорници.
