Тачи на средба со Жбогар - ДПА од опозиција ќе ги поддржи сите реформи
ДПА како најмалку експонирана партија во изминатиот период останува на определбата да ја преземе улогата на конструктивна опозиција која ќе придонесе во унапредување на земјата преку поддршка на сериозните реформи. Денес за пренесување на овие ставови се одржа и средба меѓу Мендух Тачи лидерот на ДПА и европскиот амбасадор Жбогар.
Тачи го информирал Жбогар за ставовите на ДПА околу политичката ситуација во земјата, како и за погледите на партијата за решавање на внатрешните проблеми и за деблокирањето на интеграциските процеси, истакнувајќи дека единствен начин за напредок во решавањето на овие прашања е во продолжувањето на политичкиот дијалог со посредство на меѓународната заедница.
Претседателот на ДПА констатирал дека главните проблеми на Македонија се интеграциските процесите поврзани и со прашањето за името, правата на Албанците, како и функционирањето на институциите. Затоа, истакнал тој, ДПА, како опозициска партија ќе делува конструктивно и ќе ги поддржи сите институционални иницијативи во врска со унапредувањето на правата на Албанците, сериозни реформи, и деблокирањето на итеграциските процеси.
Тој оценил дека се наоѓаме во многу важни моменти за земјата и регионот, и дека новоизбраната влада треба сериозно да се посвети на своите ветувања во врска со системските реформи и интеграциските процеси.
Соговорниците се согласиле дека продолжувањето на политичкиот дијалог е од особено значење, особено за земјите аспиранти, и дека ќе влијае врз правилното адресирање на темите поврзани со реформите, при што сите политички партии треба да го поднесат својот дел од додговорноста, и да помогнат кон придвижување на процесите напред кон интеграција во НАТО и ЕУ.
