СВР Охрид излезе со информација на кој начин е извршено убиството на 76 годишниот човек
Убиство го потресе Охрид, а полицијата излезе со детали за случајот.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ж.Г.(53) од тетовското село Брвеница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.
„Тој, на 25 март 2026 година околу 18.30 часот, во домот на К.М.(76) од Охрид, предизвикал вербална расправија по што, искористувајќи згодна прилика, физички го нападнал, а потоа со раце предизвикал негово задушување. СВР Охрид, по преземени мерки и координација со МВР и јавниот обвинител, вчера (27 март 2026) распиша централна потерница по што, во 17:20 часот во тетовското село Брвеница, полициски службеници од СВР Тетово, го пронајдоа сторителот и го лишија од слобода“, информира полицијата.
Осомничениот е Жарко Грозданоски, лидерот на Христијанско братство.
Тој и претходно имал пријави во полиција.
Локалниот медиум „Охридскај“ објави детали за случајот. Се наведува дека убиениот е Климе Митревски, сопственик на угостителскиот објект „Климентов конак”, а причината била имот вреден над еден милион евра во старото охридско градско јадро.
