СВОЕВРЕМЕНО ГО НАВРЕДУВАА ЗА БУГАРОФИЛСТВО - дали Георгиевски сега ќе ги омекнува односите?
Поранешниот македонски премиер и основач на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски во наредните денови ќе пристигне во Бугарија за да помогне во решавањето на тековните спорови меѓу двете земји. Посетата ќе се одржи откако тој неодамна имал разговор со премиерот Зоран Заев, пишува бугарската агенција БГНЕС.
Тие пренесуваат и детали од вчерашното интервју на Георгиевски, кое педизвика силни реакции во јавноста.
Поранешниот премиер најави дека ќе има јавни настапи со цел да разбие некои тези што во моментов се шират во Бугарија и таа правилно да го процени однесувањето на врвните македонски лидери.
Георгиевски смета дека Софија не разбира што значи македонски претседател или премиер да објави дека Гоце Делчев е заеднички херој и на Македонија и на Бугарија. Љубчо Георгиевски повеќепати ја потенцираше позитивната улога на претседателот Стево Пендаровски и, особено, на премиерот Зоран Заев, кои се за приближување кон Бугарија, која тие ја опишаа како пријателска земја.
Според агенцијата Георгиевски признал дека многу малку е направено за приближување кон Бугарија во последните 30 години и дека македонската дипломатија ја преспала последната година, а особено периодот кога рамковната позиција за Македонија беше расправана и усвоена во бугарскиот Парламент.
Вчера Георгиевски прстот го впери и кон ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи дека еден негов пријател со кого соработувал 30 години но потоа заминал во ВМРО-ДПМНЕ, сега ги убедувал граѓаните во распродажба на националните интереси, а претходно најмалку 100 луѓе убедувал дека со Бугарија имаме заедничка историја.
Искуството на Георгиевски, како и врските на Љубчо во Софија можат да помогнат Скопје и Софија да излезат од ќорсокакот во кои се сега влезени, пишуваат дел од медиумите.
