Економија, финансии, бизнис

Контакт

СВИРКАЊЕ, ДОФРЛУВАЊЕ, ДЕМНЕЊЕ: Колку се безбедни жените на јавен простор?

СВИРКАЊЕ, ДОФРЛУВАЊЕ, ДЕМНЕЊЕ: Колку се безбедни жените на јавен простор?

Многу жени кај нас се пожалиле дека на јавни места доживеале непријатности во смисла префрлање, свиркање, демнење и слично.

Движењето низ улиците, во автобусите, парковите и околу своето маало за многу жени значи претпазливост. Ова го потврдуваат повеќето жени и девојки од Скопје кои учествуваа во истражувањето на Реактор за родово-базирано насилство на јавните места и споделија дека самите доживеале или познаваат жена која претрпела некаков вид на насилство. Најчестите доживеани инциденти се: зјапање, свиркање и дофрлување, несоодветни коментари за нивниот изглед, пцуење и вулгарни гестови.

„Но, насилството не завршува тука – две од три од опфатените девојки и жени се соочуваат и со демнење, сличен број се соочиле со јавно покажување на гениталии, а секоја втора доживеала самата или познава жена што доживеала непосакувано сексуално допирање. Дополнително, најмалку една од три жени лично доживеала или познава жена која доживеала инцидент што вклучувал закани дека ќе биде повредена или пак била физички нападната на јавен простор, а една од пет жени лично доживеала или познава жена која доживеала сексуален напад на јавно место. Главните фактори во околината што го засилуваат чувството на небезбедност се слабото улично осветлување, големиот број на небезбедни градилишта и напуштени објекти и негрижата за јавниот простор. Недостигот од соодветна сигнализација, добро обележани, безбедни и соодветни пешачки и велосипедски патеки и други инфраструктурни недостатоци дополнително го влошуваат проблемот. Во вакви околности, одговорноста за заштита паѓа на самите девојки и жени кои се принудени да развиваат и користат разни стратегии за безбедно движење низ градот. Поконкретно, повеќе од половина од жените кои учествуваа во истражувањето наведуваат дека навечер им е страв да излезат сами и избегнуваат да го прават тоа, а доколку мораат да излезат, избираат да одат по подолгиот пат само за да избегнат места кои се неосветлени и делуваат небезбедно. Овие искуства не се само бројки - ова е реалност што секојдневно го обликува начинот на кој жените се движат и живеат во градов“, вели  Ана Бојчевска-Митревска која ја спроведе студијата.

Реактор повторно ја ревитализираше веќе постоечката веб платформа за пријавување насилство - „реагирај! биди безбедна“ и направи дополнителна мобилна алатка што ќе го олесни пријавувањето инциденти на насилство во јавниот простор. Платформата функционира по принципот на прибирање на искуства директно од оние што ги доживуваат, со цел тие да бидат забележани.

„Идејата е да мапираме јавни простори каде што се случува насилство во име на подобро планирање на активностите на полицијата и безбедносните структури, но и да ги охрабриме жените и девојките да пријавуваат искуства со насилство, и на тој начин да придонесат кон јавната свест и знаењето за тоа кои точки се потенцијално небезбедни и каде треба да преземат дополнителни мерки на претпазливост. Но, уште поважно – пријавувањето е и начин на градење женска солидарност. Кога една жена го документира и пријавува насилниот инцидент, таа не зборува само за своето искуство, туку ја развива свесноста и претпазливоста и кај другите жени и девојки и ги охрабрува и самите да пријават. Кога една жена го документира и пријавува насилниот инцидент, испраќа порака кон другите жени дека не се сами и не се виновни. Женската солидарност значи да не молчиме. Да реагираме. Да бидеме безбедни – за себе и за сите жени околу нас“, додава Бојчевска-Митревска.

Во рамки на студијата, спроведено е теренско и онлајн квантитативно истражување со 716 учеснички од Скопје и Тетово, квалитативно истражување со фокус групи со маргинализирани жени и консултативни состаноци со релевантни чинители.

Студијата се спроведуваше во ноември и декември 2024 година. Ако ја погледнеме мапата на reagiraj-bidibezbedna, во Скопје има преку 100 пријавени инциденти, а во помалите места има многу помал број на пријави. Инцидентите се однесуваат за завeдување малолетнички, физички напади, закани. Пријави за инциденти има во Охрид, Кичево, Битола, Неготино, Радовиш, Гевгелија. Дури има и жени кои според пријавите имале непријатно искуство со такси возачи. Во пријавата жените наведуваат и физички опис на сторителите.

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Слично

Поврзани вести