Економија, финансии, бизнис

Контакт

„СВИРЕТЕ“ СИ СВИРКАЧИ - се намалуваат казните за тие што нема да ги заштитат

„СВИРЕТЕ“ СИ СВИРКАЧИ - се намалуваат казните за тие што нема да ги заштитат

Ќе се намалуваат казните за одговорните во државните институции или во приватните фирми со над 10 вработени кои нема соодветно да постапат со информациите за сомнежи за одреден криминал во фирмата или друго незаконско дејствие, што ќе ги добијат од таканаречените „свиркачи“, или нема да го заштитат нивниот идентитет.

Ако досега тие казни изнесуваа меѓу 3.000 и 6.000 евра, сега нивните износи ќе се намалат.

Причина за ова е што се подготвуваат измени на Законот за заштита на укажувачите, со цел нивните одредби да се усогласат со оние од Законот за прекршоците. Владата на ЕНЕР веќе објави нацрт верзија на своите намери да ги донесе законските измени, со образложение дека глобите со новиот Закон за прекршоците се ублажени, па со нив мора да бидат усогласени и другите закони. Таму не се наведува колкави ќе бидат новите намалени глоби.

Мислењата од засеганатите страни за измените ќе се прибираат до декември, годинава.

Инаку, Законот за заштита на укажувачите има главна цел да ги охрабри граѓаните, доколку дојдат до такви информации, да пријавуваат сомнежи за криминал во институциите или компаниите, а со тоа да го заштити јавниот интерс, слободата и правата на граѓаните, и на тој начин да помогне во борбата против криминалот и корупцијата. Последните измени на овој закон со цел да биде ефективен беа донесени во март, минатата година.   

А во пракса многу често институциите се жалат дека иако законско решение постои, свиркачи едноставно не се пријавуваат. 

Со Законот за заштита на укажувачите, во членот 4 е наведено дека одговорните во институцијата што ќе добијат некаква информација од укажувач, мора да постапат по тие пријави, а воедно да го заштитат неговиот идентитет, но и да го информираат какви мерки презеле по тие пријави.

„Овластеното лице за прием на пријави од укажувачи, односно раководното лице во институцијата, е должно да постапува по пријавувањето,со почитување на процедурите утврдени со актот за внатрешно пријавување, да ги заштити личните податоци на укажувачот, односно податоците кои можат да го откријат идентитетот на укажувачот кој пријавува анонимно или доверливо, согласно со прописите за заштита на личните податоци, како и да го информира укажувачот за преземените мерки во врска со пријавата без одлагање, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на пријавата“, стои во Законот за заштита на укажувачите.

Во законот, натаму, во член 7, стои дека се забранува откривање или овозможување откривање на идентитет на укажувач без негова согласност, освен кога тоа се бара со судска одлука кога е неопходно потребно за водење на постапка пред надлежен орган.

А во законскиот текст се прецизирани и глобите за одговорните лица.

„Глоба во износ од 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на овластеното лице за прием на пријави од укажувачи, односно на раководното лице во институцијата, односно правното лице, доколку постапи спротивно на членот 4 од овој закон. Глоба во износ од 2.000 до 4.000 евра ќе му се изрече на институцијата, односно правното лице доколку постапи спротивно на овој закон“, се вели во законот.

И самите предлагачи на законот, Министерството за правда, се свесни дека нивното намалување може да охрабри поединци да бидат недоследни кон почитувањето на законските прописи.

Во септември годинава лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека располага со исказите на сведоците во „Рекет“ и вештачењата кои ги спровела обвинителката Вилма Русковска, и доколку се посомнева дека истрагата не се води во континуитет, истите ќе ги објават. Тој кажа дека до него овие информации ги доставиле свиркачи.

А добро е познато колку значајна улога во земјава одиграа свиркачите Ѓорги Лазаревски и Звонко Костовски, кои беа вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање и го открија скандалот со нелегалното прислушквање и таканаречените „бомби“, во времето на претходната Влада. Но, откако тие го открија големиот скандал со прислушувањето, освен што добија откази, беа и кривично обвинети и поминаа речиси една година во затвор. Подоцна обвиненијата против нив беа повлечени. Потегот на Лазаревски и Костовски кај голем дел од јавноста беше поздравен како херојски чин. „Бомбите“ доведоа до оставка на поранешниот премиер Никола Груевски, во 2016 година и обвиненија за 94 луѓе и седум компании.

( Н.Н.Ф.)

Слично

Поврзани вести