Светски ден на здравјето: Македонците се лечат и на фејсбук, антибиотикот главен лек
Сами си поставуваме дијагнози, сами си препишуваме лекови и ги пиеме. Граѓаните, често како главен извор на информации за нивното здравје користат статии кои се лесно достапни на интернет, а уште почесто бараат лековите кои таму се препорачани да ги пијат за да се излечат. Докторот е во некои случаи последен избор. Доктор Маја Катранџиска Џонгла, специјалист по семејна медицина за Фактор вели дека со тоа граѓаните се ставаат во опасност. Во пресрет на Светскиот ден на здравјето кој се одбележува на 7 април, тврди оти е важно граѓаните да знаат дека превенцијата е важна, а одењето на лекар оправдано.
„И во Македонија, граѓаните многу често знаат да си постават дијагноза, па дури и да се лекуваат со информации што ги добиле на интернет.Таквите постапки не само што не се оправдани,туку се и доста опасни. Јас би ги советувала пациентите за сите состојби поврзани со нивното здравје,да поразговараат и да побараат совет од стручни лица, од нивниот семеен лекар, пред да превземат било каква активност на своја глава, предупредува доктор Џонлага.
Вели дека и самите доктори еднаш годишно ги повикуваат пациентите на превентивен здравствен преглед. Наспроти тоа, многу граѓани на социјалните мрежи бараат совети за болести, си разменуваат лекови, споделуваат искуства.
„Еднаш годишно ги повикуваме нашите пациенти на превентивен здравствен преглед, кој се состои од лабораториски испитувања и дијагностички процедури кои ги вршиме кај нас во амбуланта.Секоја посета на пациентите ја користиме да ги мотивираме кон здрави животни навики,кон промоција на здравје и спречување на болести.Наши почести посетители се пациентите од возрасната група над 65 години, кои имаат хронични заболувања, за кои се неопходни почести контроли и следење на состојбата.На тој начин се намалува бројот на непотребните посети кај специјалистите од други специјалности и најголемиот број на проблеми се решаваат тука, на ниво на примарна здравствена заштита, вели докторката.
На светско ниво, милиони луѓе се уште немаат пристап до соновна здравствена заштита.
Светската здравствена организација (СЗО) годинава Светскиот ден на здравјето го одбележува под мотото „Здравје за сите – за секого и секаде“, акцентирајќи ја важноста и улогата на примарната здравствена заштита во грижата на здравјето на целото население.
Секоја година на бројните манифестации СЗО предупредува колку е важна превенцијата, а пред се раното откривање на болестите со редовни контроли.
Наталија Миланова
