СВЕТСКА БАНКА: Граѓаните на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на PM2.5 за разлика од Западна Европа
Светска банка алармира дека македонските градови се високо загадени.
Според податоците, 2.800 луѓе годишно умираат во Северна Македонија поради изложеност на загаден воздух, што е алармантна бројка која ги надминува европските стандарди за квалитет на воздухот.
„Граѓаните на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на PM2.5 честички во споредба со жителите на Западна Европа“, објаснува Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Косово и Северна Македонија.
Паолучи вели дека и покрај одредени подобрувања од 1990-тите, загадувањето на воздухот останува сериозен проблем во зимските месеци.
Изет Меџити, вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, вели дека главните извори на загадување на воздухот се: користење неквалитетно дрво и неконтролирани горива за греење во домаќинствата, индустриски капацитети кои испуштаат загадувачки емисии во воздухот.
Овие извори дополнително се засилуваат во зимските месеци, што доведува до значително зголемување на концентрацијата на PM2.5 честички во воздухот, кои се особено штетни за дишните патишта и кардиоваскуларниот систем.
И вечерва во повеќето македонски градови, воздухот е загаден.