Светозар Јаневски по шпекулациите дека ќе биде нов амбасадор на земјава во Бугарија
Првиот човек на винаријата „Тиквеш“, Светозар Јаневски, наречен крал на пијалоците во РС Македонија, најверојатно ќе биде амбасадор на Скопје во Софија, велат дипломатски извори за бугарскиот медиум „Епицентар.БГ“.
Денеска министерот за надворешни работи на земјава, Бујар Османи, изјави дека за неколку дена ќе има официјален предлог за тоа кој ќе биде амбасадор на земјава во Бугарија, но не го откри неговото име.
По шпекулациите дека Светозар Јаневски може да биде новиот амбасадор на Република Северна Македонија во Бугарија, Фактор комуницираше телефонски со Јаневски, во обид да дознаеме нешто повеќе за тоа дали има вистина во овие информации.
„Јас сум во странство, навистина не знам, тоа што вие сте го прочитале допира и до мене, но не знам повеќе. Утре се враќам во Македонија“, рече Јаневски.
На нашето конкретно прашање дали со него некој во земјава разговарал околу можноста тој да биде наш амбасадор во Бугарија, Јаневски вели „Сега вие од мене барате интервју, навистина не знам“, при што не ја демантираше сосема оваа шпекулација.
Се очекува повеќе детали да се обзнанат со неговото враќање утре во земјава, дотолку повеќе што Османи најави дека „за неколку дена“ ќе има официјален предлог од земјава за наш амбасадор во бугарската метропола Софија.
Инаку, министерот Османи во интрервју за бугарски медиум оценил дека е грешка што во текот на овие години Македонија немала амбасадор во Бугарија, но изразил надеж дека во следните денови тоа ќе се случи.Последниот амбасадор на Македонија во Бугарија беше Марјан Ѓорчев, чиј мандат заврши на крајот на март 2020 година.
Претседателот на земјава, Стево Пендаровски, најави дека нема да го одложува именувањето на нов амбасадор по добиениот предлог од Владата.
Дел од медиумите во земјава, пак, ја цитираа изјавата на новиот бугарски премиер Кирил Петков дека новиот амбасадор ќе биде „бизнис ориентиран и прагматичен“.
Според бугарскиот медиум, пак, Светозар Јаневски е опишан како еден од најуспешните македонски бизнисмени, со долгогодишно искуство во стратешки менаџмент и претприемништво.
Тој е претседател на одборот на директори на просперитетната винарија „Тиквеш“ и имал лиценца за Мекдоналдс во Бугарија и Македонија.
Главен партнер на М6 Инвестментс, една од најголемите инвестициски компании во Македонија. Пред тоа ја извршуваше функцијата извршен директор на Пивара Скопје и економски советник на поранешниот премиер на земјава Владо Бучковски.
Јаневски е добитник на бројни награди, меѓу кои и „Награда за најдобар менаџер на Балканот“ и „Награда за лидерство и економски достигнувања 11 Октомври“.
Светозар Јаневски е роден 1947 година. Дипломирал на Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Свети Методиј“ во Скопје.
Од 2005 година е почесен конзул на Финска во Република Македонија.
Член е на Управниот одбор на Македонскиот олимписки комитет и на Управниот одбор на Народната банка на Северна Македонија.
Н.Н.Ф.
