„СВЕСНО КРИЕЛА ИНФОРМАЦИИ ЗА ЕКОЛОШКИОТ МАСАКР“: Левица бара оставка од директорката на Инспекторатот за животна средина
Додека Крива Река се претвора во отровна кал, надлежните институции се впуштаат во игри на манипулација и прикривање. На чело на овој скандал стои директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, кадар на ЗНАМ, која свесно криела клучни информации за овој еколошки масакр, велата од опозициската Левица.
Од партијата укажуваат дека „наместо аларм, добивме манипулација - Инспекторатот тврдеше дека нема излевање на јаловина, дека водата е само механички заматена“.
- Но, независните анализи го разоткрија ова злосторство и сомнежите на граѓаните се покажаа како точни: водата во Крива Река има 10 пати поголема концентрација на олово од дозволеното и за неколку стотици пати повеќе цијанид, фосфор, азот и други тешки метали!
Овој случај е уште еден показател за системскиот колапс во управувањето со животната средина и за неспособноста на владејачките структури да ги заштитат основните права на граѓаните на здрава животна средина. Наместо да се преземат конкретни мерки за спречување на вакви инциденти, сведоци сме на континуирано негирање, прикривање и неказнивост на одговорните - укажуваат од партијата.
Потоа дополнуваат дека симптоматично во случајот е податокот дека концесионерите претходно биле казнети за сличен пропуст со парична казна од 90.000 евра, но нивната работа непречено продолжува! И очигледно е дека фирма која генерира 15 милиони евра профит, не ја допира ниту една парична казна.
- Поради горенаведеното бараат итна оставка од директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, како и преземање на соодветна одговорност од сите инволвирани во овој скандал.
Дополнително, бараме законски измени каде повторување на ваков прекршок доведува до трајно одземање на концесијата.
Граѓаните заслужуваат транспарентност, одговорност и ефикасност од институциите кои се должни да ја заштитат нивната животна средина и здравје - укажуваат од Левица.
Слично
