Економија, финансии, бизнис

Контакт

Свештеник осветуваше полициски возила во МВР – институциите под лупа поради секуларноста

Свештеник осветуваше полициски возила во МВР – институциите под лупа поради секуларноста

Фотографиите што изминативе денови се појавија на социјалните мрежи предизвикаа бурни реакции во јавноста, откако на нив се гледа свештеник како врши верски обред и осветување на службени полициски возила во кругот на Министерството за внатрешни работи, во присуство на полициски службениц, пишува 24 инфо.

Настанот отвори сериозна јавна дебата за односот меѓу верските обичаи и функционирањето на државните институции. Дел од граѓаните сметаат дека станува збор за традиционален и симболичен чин, наведувајќи дека во православната вера постои молитва за осветување возила со цел заштита и безбедност. Други, пак, реагираат дека ваквата практика е спротивна на уставниот принцип на секуларност и дека државните институции мора да останат верски неутрални.

На социјалните мрежи се огласи и новинарот Фуркан Салиу од „ПорталХ“, кој оцени дека случајот не може да се третира како обична традиција, туку како сериозно уставно прашање.

„Полицијата во Македонија е мултиетничка и мултирелигиска и мора подеднакво да им служи на сите граѓани. Таа не припаѓа на ниту една вера. Кога една вера добива официјален простор во полицијата, се испраќа порака дека институцијата има доминантна религија. Ова не е симболика, туку институционализација на религијата и директно кршење на Уставот, кој ја дефинира државата како секуларна“, напиша Салиу.

Случајот повторно ја актуелизира темата за границата меѓу верските обреди и работата на секуларните државни институции, особено имајќи предвид дека слични реакции имаше и пред една година, кога беше извршен верски обред во Собранието.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема мерки за целосно утврдување на сите околности поврзани со настанот.

„Во врска со објавените фотографии, Одделот за внатрешна контрола при МВР спроведува соодветна постапка за утврдување на фактите, по што јавноста ќе биде навремено информирана“, соопштуваат од МВР.

Фото: Фуркан Салиу/Фејсбук

Слично

Поврзани вести