Сведоци тврдат дека таткото не дозволувал Васил Јованов да вози
Мајката на Васил Јованов, Ана Јованова, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје изјави дека нејзиниот сопруг Зоран Јованов никогаш не му дозволил на нивниот син да вози возило без положен возачки испит.
Таа додаде дека Васил покажал интерес да вози дури откако го положил теоретскиот дел, но паднал на практичниот, по што побарал да вежба со семејното возило. Кажа таткото бил категорично против и инсистирал обуката да продолжи исклучиво со инструктор.
Јованова нагласи дека поради страв да не го земе автомобилот, клучевите ги криеле, а управувањето со нив било под нејзина контрола.
Зоран Јованов е обвинет за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“, по несреќата во која неговиот син, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, ја усмрти на пашачки премин Фросина Кулакова.
Сведоците на одбраната, меѓу кои пријател и членови на поширокото семејство, тврдеа дека обвинетиот бил принципиелен и никогаш не дозволувал Васил да вози без дозвола.
Судењето продолжува на 28 април со сослушување на нови сведоци.
По смртта на Фросина Кулакова имаше протести во Скопје, но и во нејзиниот роден град Неготино.
