Економија, финансии, бизнис

Контакт

СВЕДОЦИ СМЕ НА ЧЕСТИ ПОЖАРИ: Ова носи ризици за почвата – каков ќе биде квалитетот на храната?

СВЕДОЦИ СМЕ НА ЧЕСТИ ПОЖАРИ: Ова носи ризици за почвата – каков ќе биде квалитетот на храната?

Во Македонија и ова лето имаше голем број пожари, а граѓаните посебно се загрижени за оние од неодамна во Вардариште, на Дрисла и во Трубарево, кои придонесоа делови од главниот град да бидат обвиени со чад. Ова ќе се одрази и на квалитетот на почвата.

Доколку има метали во почвата, тоа придонесува за ризици.

„Во последно време сведоци сме на сè почести пожари на депонии и рециклаторни постројки низ Македонија. Овие настани не само што го загадуваат воздухот, туку оставаат и долготрајни последици врз почвата и храна која ја произведуваме. Иако официјалните извештаи често наведуваат дека концентрациите на метали во воздухот се во рамки на дозволеното, проблемот не завршува тука. Овие метали, испуштени при горење на отпад, се таложат на земјоделските површини и со тек на време се акумулираат во растенијата преку биоакумулација.Тоа значи дека дури и ниските концентрации во воздухот можат да доведат до долгорочно загадување на почвата, намалување на квалитетот на земјоделските култури и ризик по здравјето на луѓето преку внес во исхраната. Затоа, не е доволно само да се следи квалитетот на воздухот во моментот. Потребна е сеопфатна анализа на влијанието врз почвата, особено во земјоделските региони. Ова е повик за поголема свест, превенција и системска заштита на земјоделското производство“, вели Сашко Тодоров, дипломиран биолошки инженер  oд Ековита од Неготино.

Нема загадување на воздухот со ПМ 10 честички во селото Трубарево, каде што минатата недела се запали и изгоре склад за пластичен и електронски отпад. Според податоците од Министерството за животна средина и просторно планирање мерењата за 24 часа покажале дека просечната концентрација на цврсти честички е 10.9 микрограми на кубен метар, а максималната измерена вредност во тој период била 25.6 микрограми.

Почвата во Трубарево, на локацијата каде што се случи големиот пожар и каде што гореа литиумски батерии има зголемени вредности на бакар и цинк, покажуваат испитувањата на Институтот за јавно здравје. Од мострите земени по пожарот во рециклаторната компанија, која складирала пластика и електронски отпад, испитувани се вкупно 16 тешки метали, а резултатите покажале дека на повеќето локации нема отстапувања од референтните вредности на олово, кадмиум, арсен, никел, жива, хром и други метали.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести