Сведоци ќе бидат приведени - за кого ќе сведочат?
Тројца сведоци ќе бидат приведени за следното рочиште во случајот „Топлик“.
Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судењето за овој случај, каде првоосомничен е поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот Сончев град во Сопиште.
Сведоците кои не дојдоа, се на предлог на СЈО.
Претседателот на судечкиот совет Осман Шабани, на почетокот кажа дека за денешното рочиште освен двајцата присутни сведоци, уредно се поканети уште тројца сведоци кои не се присутни и за следното рочиште тие ќе бидат приведени.
Првиот сведок што денеска сведочи била вработена во секторот за управување со градежно земјиште при Министерството за транспорт и врски и била заменик член на комисијата за јавно надавање за изградба на државно земјиште.
Таа кажа дека како заменик член на комисијата учествувала на состанок каде била разгледана доставената документација, која била некомплетна, поради што било донесено решение да не биде објавена. Констатирале дека не е комплетна и не може да се даде на јавно надавање. За тоа бил составен и записник.
Јанакиески, според обвинението на СЈО, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа. Штетата што ја направиле на државата е 65 милиони денари.
Судењето продолжува на 21 септември.
