Сувенири, гравури, маски – Што се подарува Иванов?
Претседателот Ѓорѓе Иванов не се огласи по завршувањето на локалните избори и обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека не ги признава резултатите, ниту пак упати честитка на новоизбраните градоначалници. Тој деновиве е во работна посета на Обединетото Кралство. Во меѓувреме неговиот Кабинет распиша оглас за набавка на репрезентативни подароци кои шефот на државата ќе им ги подарува на своите гости, на неговите домаќини во странство и членови на разни делегации. Вкупната сума на тендерот е 20.000 евра, а предмет на набавка се сувенири, гравури и ракотворби, накит, резби, вратоврски и марами.
На списокот на Иванов се сувенири со мотив златна маска Охрид, македонски штит, потоа посребрена пеперутка, гравури со мотив старо Скопје и Канео-Охрид.
Иванов нарачал и ракотворби мозаик со мотив Плаошник-Охрид и епископската базилика Стоби. Потоа значки со македонско знаме, или комбинација од македонско и друго знаме, значки со амблемот на Претседателот на Република Македонија. Приврзоци, метални копчиња за манжетни, копчиња филигран за кошула, ножеви за отварање на пликоа, мали скулптури на дејци од македонското историско минато.
Филигрантски накит, сребрена пеперутка рачно изработена, книги за Македонија, екслузивни метални пенкала со гравура на амблемот на Претседателот на Република Македонија, чадори, УСБ, дрвени кутии за вино.
Шефот на државата ќе купи и накит кој ќе го подарува при неговите патувања или средбите со државници и дипломати во земјава. Нарачани се бисерни обетки, огрлици, нараквици. Потоа резби во дрво рачно изработени со мотиви од флора и фауна од Република Македонија.
Како репрезентативен материјал Иванов ќе подарува и 100 парчиња женски свилени марами во разни бои и дезени, на која ќе биде испишана со златно жолти букви With Compliments HE Dr. Gjorge Ivanov President Republic of Macedonia. И 400 парчиња свилени вратоврски со истата посвета.
Во 2017 година, буџетот за претседателот на Македонија изнесува 1,33 милиони евра и е за 4,4 отсто повисок од минатата година.
Иванов годинава освен репрезентативни подароци, од државниот буџет потрошил пари за снимање на документарен филм „Меѓународна обука на млади лидери“, потоа за реновирање на народната канцеларија на Претседателот, за набавка на компјутерска опрема и средства за хигиена,такси услуги, патничко осигурување.
Ј.М.
