Суспендирани инспекторите на УЈП кои разговарале со сопствениците на „Пулс“
Суспендирани се инспекторите од Управата за јавни приходи кои комуницирале со синот на сопственикот на „Пулс“. Ова го соопшти УЈП, а по сторијата на ИРЛ, каде беше објавено и дека едниот од нив е брат на в.д. претседателката на Кривичниот суд Даниела Димовска.
„Во објавата беа презентирани комуникации меѓу вработени лица и даночен обврзник, кои укажуваат на можност за оддавање на даночна тајна, како и неовластено информирање за претстојни контроли и координирани активности со други надлежни институции. Ваквото однесување претставува сериозно прекршување на Кодексот на однесување на вработените во УЈП. Управата за јавни приходи веднаш пристапи кон спроведување на внатрешна проверка на наводите изнесени во објавата и донесе Решение за суспензија на вработените лица кои се опфатени во случајот, сè додека трае постапката за утврдување на фактичката состојба. Оваа мерка е преземена со цел заштита на институционалниот интегритет, угледот на Управата и довербата на граѓаните, велат од УЈП.
Во сторијата, беа објавени разговори за кои од ИРЛ велат дека се воделе помеѓу инспектори од УЈП - Дејан Паунов и Драги Димитриев со сопствениците на Пулс. Во едниот од разговорите се праќале и фотографии за тоа каков подарок треба да се даде на инспекторот. Денот кога се случи пожарот бил последниот контакт, но инспекторот ја избришал пораката.
