СУЛЕЈМАНОВА: За употреба на прекумерна сила во службата, казната затвор од една година е најмала
Станува збор за пресуда која што се чекаше да биде донесена една година, за еден настан по кој што и ние од АВАЈА реагиравме заедно со Хелсиншкиот комитет и Здружемието на млади правници. Имаше протест и од наша страна но имаше и контрапротест на полицискиот синдикат во Битола, вели Марија Сулејманова од здружението АВАЈА.
Ова го изјави Марија Сулејманова од Здружението Аваја за Утрински брифинг.
„Станува збор на пресуда донесена за еден полициски службеник и еден цивил во случајот. Останува да видиме каква ќе биде пресудата и за другите двајца цивили и двајца полициски службеници. Точно е дека извршителот на сообраќајната несреќа бил под дејство на алкохол, но тоа не значи дека полицискиот службеник има право да примени прекумерна употреба на сила“, вели Сулејманова за Утрински брифинг.
Според судот, полицаецот со одреден зафат успеал да го собори цивилот, но не престанал со тоа туку продолжил да го удира што било снимено со камера и затоа судот оценил дека е употребена прекумерна сила.
„Полициската бруталност не е нова тема кога станува збор за ромската заедница но ова е прва пресуда каде се одредува затворска казна. Ова не е единствен случај, вакви случаи имаме и низ цела Европа. Што се однесува до пресудата таа ќе биде обжалена, но во однос на случај за употребена прекумерна сила во службата, казната од една година е најмала. Оваа пресуда се однесува на самиот актот на нападот, но треба да се донесе решение и за полициска бруталност врз расна основа“, вели Сулејманова за Утрински брифинг.
Таа додава дека и другата страна треба да ја разгледа ситуацијата, каков е односот на полицијата кон ромската заедница.
