СУЛЕЈМАНИ, ФЕРАТИ И ШАСИВАРИ: Туризам, правда и односи со заедниците со нови министри од ВЛЕН
Беким Сали останува прв вицепремиер и министер за европски прашања, додека функцијата вицепремиер за добро владеење, која досега ја извршуваше Арбен Фетаи, ќе биде укината. Надлежностите од ова ресорно министерство ќе бидат префрлени во кабинетот на премиерот.
Во рамки на реконструкцијата, коалицијата „ВЛЕН“ ќе ги преземе Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, како и Министерството за односи меѓу заедниците.
За министер за култура и туризам е предложен Седат Сулејмани, досегашен заменик-министер во истиот ресор. Министерството за односи меѓу заедниците ќе го раководи Агон Ферати, додека за нов министер за правда е предложен професорот по уставно право на Универзитетот на Југоисточна Европа, Јетон Шасивари, кој ќе го наследи Игор Филков.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно соопшти дека со реконструкцијата ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе ресорите здравство и социјална политика, демографија и млади. За министер за здравство е предложен актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, додека за министер за социјална политика, демографија и млади е предложен Ѓоко Велковски.
