СУЛЕЈМАН РУШИТИ: Клептократија под превез на национализам, доста беше!
Кога единствениот критериум при вработување е партиската припадност, кога партијата се поистоветува со државата и кога клeптократијата се покрива со национализам, тогаш изливите на агресија кои секојдневно ги има и во училиштата се очекувани- вели за Фактор, поранешниот министер за образование и наука Сулејман Рушити.
По последниот физички напад од страна на наставник врз ученик во основно училиште во скопско Драчево, до закани и притисоци врз ученици во неколку гимназии, па се до јавна поддршка на крвавите насилства во Собранието јасно е вели дека состојбата е до точка на вриење, а некој свесно сака да предизвика меѓуетнички тензии за личен интерес и спас. Процедурата за нивно санкционирање и превенција за да не се случат во иднина, потенцира Рушити се знае- почитување на законските прописи и правила.
“За правда ќе чекаме нова Влада која има задача да донесе правда. Состојбата не е за потценување. Инциденти се можни. Родителите треба да бидат посебно внимателни. А, со формирање на новата Влада и независното судство треба од образованието да се тргнат вакви наставници. Има доволни аргументи за тоа”- потенцира Рушити.
Очигледо според него е дека иницијаторите на насилствата се трудат да провоцираат конфликт, дури и се надеваат на меѓуетнички конфликт.
“Опрезноста е мајка на мудроста, рекол Цицерон. Се работи за мафијашко здружување и треба да сме трезвени. Во образовниот процес ќе треба доста да се работи, да се вложи многу труд, енергија за да се стават нештата во нормала. Тоа е една од областите каде најмногу се чувствуваат партиските влијаниja и воопшто каде најмногу влијаело здружувањето”- додава екс министерот за образование.
Последните случувања како што вели јасно покажуваат дека граѓаните намерно се втурнуваат во сценарија за потенцијални меѓуетнички несогласувања и немири во обид власта да избегне одговорност за лошите политики.
“Тоа им е единствената карта за спас. Односно надеж. Посакуваат конфликт, да си прогласат вонредна состојба за после да се справат со неистомислениците”- нагласува Рушити.
Зaконската регулатива како што вели го третира ова прашање, но се додека истото не биде процесуирано во судскиот систем и додека не профункционираат институциите, не може да се очекуваат брзи и видливи резултати за одговорност и отчетност.
“Сметам дека клучот е во независното судство. Само правдата е напредок”- порачува поранешниот министер за образование и наука.
Во последниот инцидент во основното училиште „Кузман Шапкарев” родител тврдеше дека наставник го удрил неговото дете бидејќи рекло дека е на страната на пратениците кои беа нападнати во Собранието. За случајот беа известени полицијата, просветниот инспекторат и училиштето кое најостро ги демантираше обвинувањата. За јавно изразената поддршка на насилствата во Законодавниот дом од страна на професорка во гимназијата “Раде Јовчевски –Корчагин” група наставници и родители покренаа петиција за санкционирање. На социјалните мрежи се погласно се зборува за нови случаи во кои професори и директори на училишта вршат притисоци врз учениците и ги убедуваат да излезат на протести. До редакцијата стигна реакција на група родители чии деца учат во неготинската гимназија и кои тврдат дека професорка во училиштето која има клас на матуранти, со погрдни зборови и притисоци им се заканувала и ги навредувала учениците зошто не се активни на протестите против ткн. Тиранска платформа. Најавија дека ќе го информираат родителскиот одбор, раководството на училиштето па и општината, а потоа и јавно ќе го објават името на професорката.
С.Б.