Сугарески: Треба дополнителни 120 милиони евра за патот Кичево-Охрид
Дури 120 милиони евра дополнително ќе треба да се потрошат за да се надминат сите проблеми во изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Министерот за транспорт и врски Сугарески претстави анализа според која, како што рече, недговорното работење предизвикало огромен дополнителен трошок поради недостатоци во проектот.

При посета на делот од автопатот во изградба кај тунелот пред кичевски Извор Сугарески информираше дека заради лошото планирање и изведба еден од најголемите проблеми кај земјените траси е појава на свлечишта, лизгање на земјиштето, односно поместување на страничните делови на патот и затрупување на делницата. Оваа појава, како што рече, е најдрастична на патот Кичево – Пресека, односно од 12-иот до 18-иот километар. Причина за ова е изборот на несоодветната траса, како и тоа што нема извршено геолошко бушење на теренот и нема ревизија на проект.
Министерот за транспорт рече дека првично проектираните 29.828.637 милиони евра за тунелот се зголемиле повеќе од двојно, на 88.930.000 евра затоа што поради недостатоци во проектот од аспект на недоволни геотехнички и истражни работи во фазата на изведба се извршила промена на заштитната облога на тунелот во најтешка категорија.
- Од одговорните за надзор се побарани решенија и предлагано е да се измени проектот со проширување на ископот, односно со зголемување на ископ на земјените работи, но решението се одлагаше, а ваквото неодговорно работење предизвикува дополнителен трошок од 120 милиони евра. Тоа се пари на граѓаните на Македонија, трошок кој го предизвика неодговорното и расипничко владеење на Никола Груевски, рече Сугарески.
Секој нареден инфраструктурен проект кој ќе биде избран од новата Влада, ветува министерот за транспорт, ќе биде заснован на сеопфатни анализи, квалитетни проекти, домаќинско трошење на средствата и детално информирање на граѓаните.
