Економија, финансии, бизнис

Контакт

Сугарески порача - ќе победиме, да завршат изборите па ќе видиме со кого ќе коалицираме

Сугарески порача - ќе победиме, да завршат изборите па ќе видиме со кого ќе коалицираме

СДСМ за коалицирањето ќе одлучува по изборите, а фокусот на партијата во моментот е на спроведување демократски избори на 12 април. Вака министерот за транспорт Горан Сугарески одговори на новинарското парашање дали се отвора патот за коалицирање на партијата со сегашниот партнер ДУИ. 

„Ние сме сконцентрирани сега на тоа на 12 април да се случат демократски избори на кои што сум убеден дека СДСМ ќе победи. Во делот на коалицирањето ќе се одлучува потоа“, рече Сугарески, во врска со синоќешната изјава на Али Ахмети.

Ахмети, на 4.Конгрес на ДУИ, одржан синоќа во Скопје, порача дека се подготвени за коалиција со оној кој ќе ги почитува Охридскиот рамковен договор и Преспанскиот договор, кој заедно со Договорот за добрососедство со Бугарија ги посочи како затворени прашања кои обезбедуваат посигурна иднина на земјата.

А во неодамнешното интервју за Фактор Сугарески рече дека оптимизмот за победа на СДСМ го темели на повеќе причини.

„Сега државата е стабилизирана по сите основи. Очекуваме во следните еден до два месеци да стане и формално членка на НАТО, очекуваме и датум за добивање преговори со Европската унија. А треба да се потенцира и стабилизирањето на државата од финансиски аспект. Низ овие години донесовме бројни мерки како Влада од аспект на решавање на проблемите на граѓаните – минималната плата од 9.500 денари се зголеми на 14.500 денари, враќањето на евтината тарифа на струјата, укинувањето на екстерното образование, субвенционирањето на фирмите, зголемувањето на платите во администрацијата, во здравството, кои со новите зголемувања ќе бидат сериозно големи, во образованието, пензиите, субвенциите во земјоделството...“, рече Сугарески.

Тој не сакаше да прави шпекулации дали има шанси СДСМ на изборите да има помалку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, и уште еднаш нагласи дека очекува „дека оваа гарнитура ќе продолжи да управува со државата“.

Слично

Поврзани вести