Судскиот совет по втор пат го разреши судијата Јордан Митриновски
Судскиот совет го разреши судијата Јордан Митриновски.
Донесена е одлука со која се утврдува нестручно и несовесно вршење на судиска функција на Јордан Митриновски, информираше Судскиот совет кој го разреши судијата од Апелациониот суд.
По донесената пресуда на Европскиот суд за човекови права, во која е констатирана повреда на член 6, став 1 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, судскиот совет дозволи повторување на постапката против Јордан Митриновски. Во текот на оваа година комисијата закажа неколку расправи кои беа одложени на барање на адвокатите на Митриновски.
Митриновски кој веќе неколку години е во пензија тврдеше дека е разрешен од страна на поранешниот министер за правда, Михајло Маневски затоа што ја пензионирал неговата сопруга Филимена.
Судијата изјави дека екс премиерот, Никола Груевски, на средба во Владата побарал од него да си поднесе оставка од функцијата. Митриновски беше разрешен во 2011 година затоа што дозволил Бајруш Сејдиу да оди во домашен притвор.
