СУДСКИОТ СОВЕТ НА ПОЛНОЌ ЌЕ ОДЛУЧУВА ЗА ИМУНИТЕТОТ НА СУДИЈАТА: по денешното апсење за мито
Ќе остане ли судијата Наќе Георгиев без судскиот имунитет.
По информациите дека денеска полицијата уапсила судија од Врховниот суд, попладнево медиумите објавија дека станува збор за судијата Георгиев.
„Телма“ вечерва објави дека веќе е договорено судски совет да се состане ноќва, поточно на полноќ кога ќе одлучува да му го одземе имунитетот на судијата Наќе Георгиев за да може да му биде одредена мерка притвор.
За потсетување полицијата денеска го уапси судија „поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание“.
Како што информира од Министерството за внатрешни работи, судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело.
Притоа беше објавено, дека МВР чека понатамошни насоки од надлежен јавен обвинител, но и дека уапсениот судија има право да се повика на судиски имунитет за кој одлучува Судскиот совет на седница на Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови со право на глас.
Неофицијално беше објавено дека уапсен е судијата Наќе Георгиев, кој според сознанија од полициски извори е приведен поради мито од 10.000 евра и е префрлен во полициската станица Кисела Вода во Скопје.
