Судот одлучи - Снимката за наводен поткуп ќе биде доказ против Заев
Во Кривичниот суд денеска почна рочиштето за предметот
„Поткуп“, во кој е обвинет премиерот Зоран Заев, за земање
мито од струмички бизнисмен во висина од 160.000 евра за легализација на државно
градежно земјиште.
На судењето присутен беше Заев, но не дојде сведокот Иван
Николов, за кого како што беше речено, немало доказ дека бил уредно повикан.
Одбраната побара да се утврди дали имало наредба за тајно
снимање и потоа да се премине на главната расправа. Адвокатите притоа се
повикаа на пресуди од Судот за човекови права. Судијата Дарко Тодоровски одлучи да го одбие предлогот на одбраната и ги
прифати снимките како доказ во постапката за поткуп.
Судијата образложи дека снимките се прибавени на законит начин и можат да бидат
доказ за оваа постапка. За лицето кое се појавува како соговорник на снимката
со Заев, судијата рече дека не станува збор за лице со прикриен идентитет, односно
за агент провокатор, како што го нарекоа адвокатите на Заев.
Од снимката која беше објавена на „Јутјуб“ се гледа и слуша
како Заев бара мито за легализација на градежно земјиште, што како општина и
градоначалник во тоа време бил должен согласно закон да го направи.
Целата сага со судењето на Заев почна на 25-ти јануари минатата година, но
рочиштето никако да се одржи.Минатото рочиште беше одложено по барање на
одбраната, а претходното, пак, на барање на јавниот обвинител, кој го известил
новиот судија во предметот, Дарко Тодоровски дека не може да присуствува на
рочиштето.
