Судот го прифати обвинението за „Моќник“: Наскоро рочиште за Милошоски и Аџиев
Кривичниот суд го прифати обвинението за “Моќник”, и наскоро се очекува да биде одредено рочиштетѕо за пратеникот Антонио Милошоски, неговиот татко Милош Милошоски, поранешниот претседател на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев, и дел од членовите на комисијата.
Информацијата ја потврди Кривичниот суд, а наредниот чекор е преку АКМИС системот да се одреди кој судија ќе го суди предметот, објави „Фокус“. Предметот „Моќник“ го отвори поранешното СЈО, а обвиненијата беа изготвени од ОЈО пред два месеци.
Основното јавно обвинителство Скопје на 24 август поднесе обвинение за случајот „Моќник“. Обвинети се сите 13 лица кои беа опфатени во истрагата, меѓу кои и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Против три лица, меѓу кои и Милошоски, е поднесен обвинителен акти, а против десет е поднесен обвинителен предлог.
Пратеникот е третоосомничен и се товари за делата измама и за злоупотреба на службената положба и овластувања. Предметот се однесува на продажба на државен и имот на општината, како и за нарачана лустрација против судијата кој во меѓувреме почина.
Веднаш по поднесеното обвинение се огласи Милошоски, според кого Обвинителството продолжува да биде алатка за притисок на власта кон неистомислениците.
„Секој опонент на политиката на кланот Заеви кој ги разоткрива аферите на нивното крими-владеење, без разлика дали е новинар, политичар или стопанственик, се соочува со ризикот да биде неосновано обвинет, со цел да биде заплашен, а политичките прогони служат како параван зад кои ќе се кријат актуелните рекети, афери и организиран криминал на власта.
Но, се ќе има свој крај, вклучително и политичката злоупотребата на обвинители и судии од страна на власта на Заев“, реагираше Милошоски.
