Судот денеска го чека претепаниот Тони Трајковски на рочиште
Поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, кој е обвинет за уривањето на „Космос“, го одложи вчерашното судење откако пријави дека е претепан во Железара од две непознати лица, но за денеска судот најави негово приведување доколку не присуствува на процесот кој е во самиот финиш.
Трајковски објави дека имал сериозни повреди откако ден претходно две непознати лица го нападнале додека тој шетал низ населбата „Железара“, во друштво на поранешниот скопски градоначалник, Коце Трајановски.
Судијата Огнен Ставрев побара Трајковски стражарно да биде донесен во кривичниот суд, затоа што добил информација од Ургентниот центар дека третообвинетиот е пуштен дома.
„За неговите повреди судот нема добиено официјална документација, а во разговор со докторот Судот е известен дека е пуштен во општа здравствена состојба“, рече судијата Ставрев.
Драмата се случува само ден пред да и истече мандатот на една поротничка. Изборот на нова поротничка ќе значи враќање на целиот судски процес од почеток. Денес, судењето треба да продолжи со одбраната на обвинетиот Миле Јанакиевски и според судски извори има шанси целиот процес да заврши. Втората опција е да ѝ биде продолжен мандатот на поротничката, за што се уште не доставено барање до Судскиот совет.
Трајановски доцна синоќа потврди дека шетал заедно со Трајковски но дека си заминал пред да ги види напаѓачите.
„Синоќа се случи брутално претепување на мојот пријател Тони Трајковски. Бидејки се споменува моето име сакам да ве информирам за одредени детали кои во јавноста најверојатно ненамерно добија лош призвук.
Синоќа заедно со Тони околу половина час се шетавме по патеката покрај парк шумата Гази Баба. Патеката е на стотина метри пред зградата кај што живее Тони. Веројатно насилниците чекале тој да остане сам. Нападот се случил по нашето разделување.
Крајно кукавички е во мрак да нападнеш и да избегаш. Полицијата мора веднаш да ги пронајде насилниците и да ги изведе пред лицето на правдата“, порача Трајановски.
