Судијката со жестоко предупредување за судењето за „Пулс“: „Ова нема да го претворите во циркус“
На првото рочиште за случајот „Пулс“, судијката Диана Груевска-Илиевска постави јасни правила и строга динамика по која ќе се движи целиот процес. Таа предупреди дека во судницата нема да се толерира недисциплина, одолговлекување или какви било обиди за манипулација со постапката.
Судијката, која раководи со советот што го сочинува и заменикот Ахмед Идризи заедно со четворица поротници, најави дека ќе има нулта толеранција за неоправдани изостанувања.
„Секоја лекарска потврда ќе се проверува. Ќе има опомена, па отстранување од судница, а потоа и казна“, истакна таа, ставајќи до знаење дека рочиштата ќе се одвиваат без одлагања.
Таа објасни дека полномошниците на оштетените не биле повикани денес поради тоа што сè уште не е комплетиран списокот, но дека сите кои присуствуваат ќе бидат евидентирани во записникот.
Груевска-Илиевска упати порака и до семејствата на загинатите и повредените – судот го разбира нивниот гнев и болка, но мора да ја одржи професионалноста.
„Ќе покажеме почит кон тагата на родителите, но постапката мора да тече фер. Секоја страна ќе може да ги изнесе своите докази без притисок“, рече таа.
Поради ограничениот простор, семејствата беа замолени да се организираат така што по еден претставник да присуствува на рочиштата, со цел сите засегнати да добијат место во судницата.
Судијката предупреди и дека не може да се прогнозира колку ќе трае процесот:
„Брзањето може да доведе до грешки кои ќе го загрозат случајот. Ќе работиме темелно, без компромиси.“
По воведниот дел, продолжи евидентирањето на обвинителите, обвинетите и нивните бранители. Во судницата се присутни десетмина обвинители, а процесот на евидентирање сè уште трае.
