Судија-поротник од „27 април“ си поднел оставка, но не поради случајот
Судија поротник во предметот „27 април“ поднел оставка во Судечкиот совет, но од Кривичен суд за 24 Вести тврдат дека таквата одлука нема никаква врска со случајот, туку самиот се повлекол поради здравствени проблеми.
Од Основен суд Скопје 1 потврдија дека судија поротник во предметот „27 Април“ поднел оставка во Судечкиот совет, но официјално не бепе позната причината за неговото повлекување, по што се јавија медиумски шпекулации дека поротникот, пензиониран полицаец, се повлекол револтиран од висината на казните за осудените.
Медиуми тврдеа дека наводно тој имал забелешка за казните на колегите полицајци, за кои сметал дека се неправедно осудени.
-Ве информираме дека еден од судиите поротници во судечкиот совет со кој претседава судијата Добрила Кацарска, самиот побарал од Судскиот совет да биде разрешен од функцијата судија – поротник, па заради тоа е извршена и промена на советот, но во однос на предметите за кои прашувате, оваа промена нема никакво влијание со оглед да предметот поврзан со „27 април“ е веќе завршен со првостепена пресуда. Другите предмети, познати како „Транспортер“ и „Триста“, заради промена на составот на советот, формално се веќе почнати од ново и не само што се доведени во фазата во која биле претходно, туку се и во понапредна фаза со оглед да на претходните расправи за овие предмети се изведувани нови докази и соослушани нови сведоци. Па затоа оваа промена не претставуава никава пречка нити причлина за одолговлекување на предметите, велат од Основен суд Скопје 1.
Поранешниот директор на Биро за јавна безбедност Митко Чавков доби највисока казна од 18 години затвор за настаните од 27-ми април. По 15 години затворска казна добија полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, разузнавачот Мунир Пепиќ, Јане Чентo, Влатко Трајковски и Никола Митревски- Кољо.
Вилијам Михајловски доби 14 , а Оливер Поповски 13 години затворска казна. По 12 години добија Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ. Обезбедувачот на поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски- Оливер Радулов доби 10 години затвор, а вработениот како обезбедување во Собранието Абдуљфета Алими доби 7 години. На обвинетиот Александар Василевски – Нинџа му е изречена казна затвор од 8 години.
