Судија остана без имунитет
Судскиот совет забрани осомничениот судија Мустафа Шахини кој се сомничи дека со злоупотреби на функцијата ја оштетил државата за повеќе од 200.000 евра, да оди во притвор.
На итна седница денеска, на барање на Основниот суд Скопје 1, Судскиот совет одлучил да му го одземе имунитетот, но да не биде притворен.
„Судскиот совет донесе одлука со која го одзема имунитетот на судија, заради непречено водење на кривичната постапка. Донесена е Одлука со која не се одобри барањето за определување на мерката притвор за судијата”, соопшти Судскиот совет.
Шахини е повикан на распит во Кривичниот суд, но тој се повикал на имунитетот. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го осомничи за злоупотреба на службена положба и овластување, затоа што злоупотребувал предмет за денационализација на земјиште покрај брегот на Охридското езеро во Струга.
Шахини како претседател на судечкиот совет работел на тужба поднесена од двајца, а претходно тој бил адвокат за истиот предмет, за кој веќе донел правосилна одлука за денационализација на имотот, а на државното правобранителство не му дал можност да се жали.
Според Обвинителството, со ова управниот судија на двајцата тужители им овозможил противправно да се стекнат со дражвен имот. Судијата бил должен да бара изземање од предметот од претседателот на Управниот суд, но не го известил.
Струшкиот суд веќе забранил да се оттуѓува земјиштето покрај Охридското крајбрежје.
