Економија, финансии, бизнис

Контакт

Судиите со отворено писмо до Мицкоски: Вашите коментари ја преминаа границата

Судиите со отворено писмо до Мицкоски: Вашите коментари ја преминаа границата

Судски совет, Врховен суд и Здружение на судиите испрати заедничко отворено писмо до премиерот Христијан Мицкоски преку кое се повикува претседателот на Владата да престане со коментарите кои јавно ги упатува за правосудството во земјата и за наводната потреба од негова реформа.

Мицкоски вчера рече дека „не треба да им се зголемуваат платите на судиите бидејќи немаат рејтинг“, аод таму денес возвратија дека државата следната година ќе се задолжува со две милијарди евра за да го надополни буџетот.

- Веќе подолго време Вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и конкретни предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика е покажување на намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите, туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите.

Судскиот систем никогаш не генерирал долгови, па оттаму нејасно е каква е поврзаноста на судството со државниот долг од 2 милијарди евра, кој недвосмислено е последица на постојаното задолжување на извршната власт, во минатото и сега. Сосема спротивно, токму судовите, преку наплата на паушали и парични казни, со години наназад ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат никаков поврат од Буџетот, во смисла на нови вработувања, дигитализација на услугите, опремување на судниците и сл. 

Последниот извештај на ЕК, јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт. Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми кои државата мора да ги поправи, бидејќи истите се суштински за Европската перспектива на земјата. 

Со Вашите досегашни коментари го нарушувате демократскиот принцип конципиран на рамноправност на трите власти, судската, законодавната и извршна. Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитуваат, пишува во јавното писмо.


Слично

Поврзани вести