Судењето на Божиновски одложено, одбраната бара време за анализа
Во Кривичниот суд во Скопје денеска повторно е одложено судењето на новинарот Зоран Божиновски, кој се товари за шпионажа, уцена и злосторничко здружување во случајот „Шпион“.
Беше прочитано обвинението, а одбраната побара дополнително време за анализа.
Во обвинителниот акт стои дека Божиновски уценувал повеќе бизнисмени.
„Вие сте дел од злосторничко здружување, не сакам да примам обвинителен акт од овој суд“ - кажа Божиновски во судница.
За ова тој беше опоменат дека мора пристојно да се однесува.
Следното рочиште е закажано за 10-ти ноември. Новинарот од Србија во Македонија беше екстрадиран на 21 април. За овој предмет пресудата е донесена во 2014 година, а постапката за Божиновски е одвоена бидејќи тој беше недостапен за судските органи. Откако надлежноста за предметот ја презеде Специјалното јавно обвинителство побара на обвинетите да им се намалат затворските казни на осудените.
